Здружението „Клуб на генерали“ избра ново раководство

Почитувани,

Здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ на Годишното воедно и изборно собрание на Здружението, кое се одржа во Домот на Армијата во Скопје, избра новото раководство.

За нов претседател на Здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ избран е генерал Орце Јордев кој функцијата ја презеде од досегашниот претседател генерал д-р Павле Арсоски. На местото на досегашниот потпретседател генерал д-р Мухамед Рацај е избран генерал Здравко Поповски. На место на досегашниот претседател на Надзорниот одбор на Здружението генерал д-р Методи Хаџи Јанев избран е генерал Мирче Ѓоргоски.

Во извештајот за работата на здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ за периодот од 2022-2024 год. досегашниот претседател генерал д-р Павле Арсоски истакна дека во текот на неговиот двегодишен мандат се реализирани речиси сите од 51 предвидени активности од Програмата за работа.

– КЛУБОТ НА ГЕНЕРАЛИ денес е Здружение препознатливо во стручната и поширока јавност во Македонија, а преку WEB страната и пошироко во светот. Здружението денес е сместено во сопствени простории и е финансиски стабилно и сето тоа докажува дека се створени одлични предуслови за негово понатамошно развивање, јакнење и реализирање на уште поамбициозна и посодржајна програма за работа, истакна генерал Арсоски. Тој истакна дека во изминатите две години му било огромно задоволство и чест да го претставува и води Здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ и на сите колеги членови им се заблагодари за соработката и подршката.

Новоизбраниот претседател на Здружението генерал Орце Јордев се заблагодари на поддршката која му е укажана и при тоа ја претстави Програмата за работа на Здружението за период 2024-2026 година.

Во свечениот дел од Годишниото собрание беа доделени плакети и благодарници на луѓето кои со својот досегашен личен придонес и извонреден ангажман ја афирмирале работата на Здружението. Во знак на благодарност плакети добија и петмината генерали-претходни претседатели на Здружението.

КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ е здружение кое е основано во 2012 година и во кое членуваат армиските генерали меѓу кои и поранешни команданти и началници на Генералштабот на АРМ , чија главна цел е да се бави со актуелните прашања од областа на безбедноста и одбраната на државата.

Здружение КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ

Останати активности:

15.12.2023
Симулациска вежба во итна ситуација–земјотрес „Xуманитарен одговор 2023“
11.12.2023
Плакета и почесно членство за министерката Петровска од Клубот на генерали, во знак на благодарност за поддршката на ова здружение кое е важен дел од одбранбениот систем