Роден е во 1950 година во село Обршани, Прилепско. Основното образование го завршил во родното Обршани во 1965 година, а продолжил во Гимназија во Битола каде завршил во 1969 година. Дипломирал на Воената кадемија на копнена војска, смер артилерија во Белград (Србија) и Задар (Хрватска) во 1973 година. Испит за чин мајор положил во 1982 година во Белград (Србија) и со успех ја завршил Командно-штабната академија во Белград (Србија). Военото образование го комплетирал со завршување на Високата воена академија во Истанбул (Турција) во 1995 година.
Во чин потпоручник би произведен во 1973 година, во чин поручник бил предвремено унапреден во 1974 година. Во 1976 година бил унапреден во чин капетан, а во 1979 година предвремено бил унапреден во чин капетан 1. класа. Во чин мајор бил унапреден во 1983 година, во чин потполковник во 1987 година, а во чин полковник во 1993 година. Со указ на Претседателот на Република Македонија бил унапреден во првиот генералски чин-бригаден генерал во 2000 година, во чин генерал-мајор во 2003 година, а во чин генерал-потполковник во 2006 година.
Во својата војничка кариера извршувал должности во повеќе гранизони и тоа: во Струмица (1973-1975), во Скопје (1975-1988, 1995-2004 и 2008-2009), во Приштина-Србија (1998-1990), во Врање-Србија (1990-1992) и во Куманово (1992-1995).
Во текот на кариерата ги извршувал следните должности: командир на вод, командир на артилериска батерија, заменик и командант на артилериски дивизион, началник на штаб и заменик командант на артилериска бригада, командант на пешадиска бригада, командант на гардиска бригада, одбранбено аташе на Република Македонија во Република Турција, командант на гранична бригада, началник на Г-3 во генералштабот на АРМ и одбранбено аташе на Република Македонија во Република Хрватска, Република Словенија и Република Италија. По пензионирањето, во периодот 2014-2015 година, извршувал должност советник на министерот за одбрана за воена дипломатија.
Добитник е на бројни признанија и одликувања: орден за воени заслуги со сребрени мечеви, орден на народната армија со сребрена ѕвезда, орден за воени заслуги со златни мечеви, орден на трудот со сребрен венец, орден на народната армија со златна ѕвезда, орден на „Редот на хрватскиот тролист“ од Претседателот на Република Хрватска, медал за придонес во одбраната од министерот за одбрана на Република Словенија и златна значка на АРМ за партнерство, координација и соработка.