President Image

Зоран ДИМОВ, генерал мајор

Четврти Претседател на Здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ

Роден е во Скопје во 1958 година. Основното образование го завршил во 1972 година, а средното училиште во 1976 година во родното Скопје. Воената акдемија на копнена војска на Југословенската народна армија (ЈНА), род артилерија ја завршил во 1980 година во Белград (Србија). Во 1991 година го положил мајорскиот испит во Центарот за високи воени школи во Белград (Србија). Военото образование го продолжил на Постдипломските студии за командно-штабни должности во Скопје, каде дипломирал во 1996 година. Највисокото воено образование го завршил во Школото за национална одбрана во Истанбул (Турција) во 2003 година.

Во чин артилериски потпоручник бил произведен во 1980 година. Во чин поручник бил унапреден во 1981 година, во чин капетан во 1984 година, во чин капетан 1. класа во 1989 година, а во чин мајор во 1995 година. Во 1998 година вонредно бил унапреден во чин потполковник, а во 2001 година вонредно бил унапреден во чин полковник. Со указ на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили во 2005 година бил унапреден во првиот генералски чин – бригаден генерал, а во 2007 година во генерал-мајор.

За време на својата богата војничка кариера извршувал служба во следните гарнизони: во Сараево-БиХ (1980-1984), во Добој-БиХ (1984-1992), во Скопје (1992-2004, 2006-2007 и 2010-2012), во Кичево (2004-2006) и во Куманово (2007-2010).

Во текот на кариерата ги извршувал следните должности: командир на вод, командир на артилериска батерија, командант на артилериски дивизион, командант на 12. пешадиска бригада, началник на С-3 во гранична бригада, командант на 2. пешадиска бригада, директор на генералштабот на АРМ, Комадант на Здружената оперативна командаи советник на началникот на генералштабот на АРМ.

Добитник е на бројни признанија и одликувања за време на војничката кариера: медал 40 години ЈНА, медал за воени заслуги, орден за воени заслуги со сребрени мечеви и медал 50 години ЈНА.