President Image

Зоран ЛЕКОВСКИ генерал-мајор

Роден е на 2 септември 1955 година во Битола, Р.Македонија како најстаро дете во многудетно семејство, од мајка Крстана и татко Наум. Со сопругата Снежана е во долгогодишен брак и татко е на две деца, син Наум и ќерка Фросина.
Завршил основно образование во 1970 година, а Гимназија во 1974 година, по што продолжил на Воената академија на Копнената војска на ЈНА, насока Оклопно механизирани единици (ОМЕ), која ја завршил во 1978 година. Командно-штабна академија почнал во Центарот за високи воени школи – Белград во 1990 година, а ја завршил на Воената академија – Скопје во 1995 година. Завршил и Висока генералска воена школа во 2000 година во Истанбул, Турција.
Произведен е во чин потпоручник во 1978 година, а во чин поручник е унапреден во 1979 година. Четири години подоцна, во 1983 година е унапреден во чин капетан, во чин капетан 1. класа е унапреден во 1987 година, во чин мајор во 1990 година, во чин потполковник во 1994 година, во чин полковник во 1999 година, а во 2005 година станал и бригаден генерал. По две години, во 2007 година е унапреден во чин генерал-мајор.
Во својата кариера службувал во три различни гарнизони на АРМ, и тоа: Скопје (1978 – 2001 и 2007 – 2011), Штип (2001 – 2005) и Куманово (2005 – 2007), каде извршувал повеќе значајни должности:
– Командир на тенковски вод во 243. пролетерска оклопна бригада (1978 – 1980);

– Командир на тенковска чета (1980 – 1982);

– Заменик командант на Оклопен баталјон (1982 – 1986);

– Командант на Оклопен баталјон (1986 – 1988);

– Началник за безбедност во 243. пролетерска оклопна бригада (1988 – 1991);

– Началник за безбедност (1991 – 1992);

– Командант на баталјон на воена полиција во АРМ (1992 – 1994);

– Началник на одделението за воено-полициски работиво Секторот за безбедност и разузнавање на Министерството за одбрана на Р.Македонија (1994 – 2000);

– Началник на одделението за резервни офицери кај директорот на ГШ на АРМ (2000 – 2001);

– Заменик командант на 1. механизирана пешадиска бригада (2001 – 2003);

– Командант на 1. механизирана пешадиска бригада (2003 – 2005);

– Заменик командант на ЗОК (2005 – 2007);

– Советник на НГШ на АРМ од 2007 година, па се до неговото пензионирање во октомври 2011 година.

Во текот на службата повеќепати добивал признанија и награди за своето залагање и професионален однос кон работата како армиски офицер. Редовно добивал бројни пофалби, парични награди и други стимулативни мерки, а покрај другото, е одликуван и со:

– Медал за воени заслуги во 1983 година;

-Медал за 40 години ЈНА;

– Медал за 50 години ЈНА.

Како дел од своето стучно усовршување и надградување, завршил и неколку курсеви во образовни центри во поранешна Југославија, Р. Македонија и во странство, меѓу кои и:

– Специјален курс за тенкот Т-55 во Сибир, Руска Федерација, во 1979 година;

– Курс за командир на тенковска чета во Бања Лука во 1981 година;

– Курс за команданти на оклопни баталјони во Бања Лука, во 1984 година;

– Политички курс во Центарот за политички школи во Белград, во 1986 година;

– Воено полициски и диверзантски курс во Панчево, во 1987 година.