Мирослав СТОЈАНОВСКИ, генерал-потполковник

Трет Претседател на Здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ

Роден е во Скопје во 1959 година. Основното образование го завршил во 1974 година, а на Воена гимназија во Белград (Србија) дилпомирал во 1978 година. Воената академија на копнена војска, смер пешадија ја завршил во 1982 година во Белград (Србија) и Сараево (БиХ). Военото образование го продолжил на Постдипломските студии за командно-штабни должности во Скопје каде дипломирал во 1996 година. Највисокот воено образование го комплетирал на Обранбениот колеџ на НАТО во Рим (Италија) во 1998 година.

Во1982 година бил произведен во чин потпоручник. Во чин поручник бил унапреден во 1983 година, во чин капетан во 1986 година, а во чин капетан 1. класа во 1990 година. Во 1991 година бил вонредно унапреден во чин мајор, а во чин потполковник бил вонредно унапреден во 1998 година. Во 2001 година со указ на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили бил унапреден во првиот генералски чин – бригаден генерал, во чин генерал-мајор во 2003 година, а во чин генерал-потполковник во 2006 година.

Во својата војничка кариера извршувал служба во повеќе гарнизони: во Белград-Србија (1982-1992) во Скопје (1992-2001 и 2003-2015), во Штип и Куманово (2001-2003).

Во текот на војничката служба ги извршувал следните должности: командир на вод, командир на чета на воена полиција, командир на противтерористичка чета, заменик командант на баталјон вена полиција, командантна 6-ти одред-единица за специјални намени, командант на 1.пешадиска бригада, командант на единицата за борба против тероризам, заменик началник на генералштабот и началник на генералштабот на АРМ. По пензионирањето ја извршувал должноста државен советник на министерот за одбрана за стратегиски и одбранбени прашања.

За време на армиската служба добивал бројни признанија и одликувања: медал за воени заслуги, медал „Легија на честа“ од државниот секретар за одбрана на САД, медал за почесен член на националната гарда на Вермонт на САД, сребрена значка на АРМ за долгогодишна служба, плакета на АРМ и голема плакета на сојузот на борци на Република Македонија.

Драган АНДРЕСКИ, генерал-потполковник

Втор Претседател на Здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ

Роден е во 1950 година во село Обршани, Прилепско. Основното образование го завршил во родното Обршани во 1965 година, а продолжил во Гимназија во Битола каде завршил во 1969 година. Дипломирал на Воената кадемија на копнена војска, смер артилерија во Белград (Србија) и Задар (Хрватска) во 1973 година. Испит за чин мајор положил во 1982 година во Белград (Србија) и со успех ја завршил Командно-штабната академија во Белград (Србија). Военото образование го комплетирал со завршување на Високата воена академија во Истанбул (Турција) во 1995 година.

Во чин потпоручник би произведен во 1973 година, во чин поручник бил предвремено унапреден во 1974 година. Во 1976 година бил унапреден во чин капетан, а во 1979 година предвремено бил унапреден во чин капетан 1. класа. Во чин мајор бил унапреден во 1983 година, во чин потполковник во 1987 година, а во чин полковник во 1993 година. Со указ на Претседателот на Република Македонија бил унапреден во првиот генералски чин-бригаден генерал во 2000 година, во чин генерал-мајор во 2003 година, а во чин генерал-потполковник во 2006 година.

Во својата војничка кариера извршувал должности во повеќе гранизони и тоа: во Струмица (1973-1975), во Скопје (1975-1988, 1995-2004 и 2008-2009), во Приштина-Србија (1998-1990), во Врање-Србија (1990-1992) и во Куманово (1992-1995).

Во текот на кариерата ги извршувал следните должности: командир на вод, командир на артилериска батерија, заменик и командант на артилериски дивизион, началник на штаб и заменик командант на артилериска бригада, командант на пешадиска бригада, командант на гардиска бригада, одбранбено аташе на Република Македонија во Република Турција, командант на гранична бригада, началник на Г-3 во генералштабот на АРМ и одбранбено аташе на Република Македонија во Република Хрватска, Република Словенија и Република Италија. По пензионирањето, во периодот 2014-2015 година, извршувал должност советник на министерот за одбрана за воена дипломатија.

Добитник е на бројни признанија и одликувања: орден за воени заслуги со сребрени мечеви, орден на народната армија со сребрена ѕвезда, орден за воени заслуги со златни мечеви, орден на трудот со сребрен венец, орден на народната армија со златна ѕвезда, орден на „Редот на хрватскиот тролист“ од Претседателот на Република Хрватска, медал за придонес во одбраната од министерот за одбрана на Република Словенија и златна значка на АРМ за партнерство, координација и соработка.

д-р Павле АРСОСКИ, генерал-мајор

Претседател на Здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ

Роден е во Гостивар во 1967 година, а детството го поминал во Сисак (Хрватска) каде го завршил основното образование во 1982 година.

Воена гимназија завршил во Загреб (Хрватска) во 1986 година, а военото образование го продолжил на Воената академија на копнената војска во Белград (Србија) и Задар (Хрватска). Дипломирал во 1990 година како потпоручник на родот артилерија. Воената кариера ја започнал во поранешната Југословенска Народна Армија (ЈНА) во Словенија, а во Армијата на Република Македонија (АРМ) е од првиот ден на нејзиното формирање во април 1992 година.

Во текот на својата богата војничка кариера, генералот Арсоски извршувал бројни командни и штабни должности. Негова прва должност во АРМ е командир на вод во артилерискиот дивизион на 1. гардиската бригада во Скопје, а потоа следователно, командир на чета, заменик командант на баталјон и командант на 1.пешадиски баталјон на 15.пешадиска бригада во Тетово. За време на воениот конфликт во 2001 година, Арсоски командувал со пешадиски баталјон и подоцна со баталјонска борбена група во Тетовско и на Шар Планина, за што истата година вонредно е унапреден во чин мајор. Во 2003 година станал дел од најелитната борбена единица на АРМ, Полкот за специјални операции. Најпрво ја извршувал должноста началник за операции, планирање и обука, а во 2010 година е поставен за началник на штаб и унапреден во чин полковник. Командант на полкот за специјални операции станал во 2012 година. Со Указ на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, во август 2013 година е унапреден во чин бригаден генерал и поставен за командант на 1. механизирана пешадиска бригада. Во 2015 година е поставен за заменик на командантот на Здружената оперативна команда, а три години подоцна, во 2018 година, станал командант на Здружена оперативна команда. Истата година е унапреден во чин генерал-мајор. Со трансформација на Армијата во 2019 година е поставен за командант на Командата за операции и должноста ја извршувал до 2021 година кога е поставен за советник на началникот на Генералштабот на Армијата за борбена готовност и операции.

За време на воената кариера, Арсоски го надоградувал своето военото образование. По дипломирањето на Постдипломски студии за командни и штабни должности во Скопје во 2003 година, во 2011 година го завршил највисоко воено образование и дипломирал на Ратната школа „Бан Јосип Јелачиќ“ во Загреб, (Хрватска). Генерал-мајор Арсоски завршил повеќе курсеви и обуки во земјата и странство, меѓу кои и престижните: Курс за команданти на баталјони во Германија, Курс за млади лидери на 21. век во Џорџ Маршал Центарот во Германија, Курс за воен менаџмент и донесување на одлуки, Обука за воени аташеи и експерти за меѓународна комуникација и Курс за генерали, адмирали и амбасадори во Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим, (Италија).

Вонредно е унапреден во чин мајор во 2001 година, добитник е на бронзена, сребрена и златна значка на АРМ, Плакета на АРМ, сребрена значка на АРМ за долгогодишна служба, бронзена, сребрена и златна значка на АРМ за партнерство, координација и соработка.

Напоредно со военото образование, генерал-мајор Арсоски го надградувал и своето цивилното образование. Во 2016 година ги завршил магистерски студии на Институтот за национална историја при УКИМ и се стекнал со титула магистер по воена историја. Во 2021 година се стекнал со титулата Доктор на науки на истиот Институт.

Во слободно време генерал Арсоски активно се занимава со спорт, голем љубител е на ликовната и драмска уметност, како и на операта и балетот. Ја проучува воената историја, класичната литература, хералдиката и хорологијата. Зборува активно англиски и германски јазик. Секретар е на Македонското грбословно друштво со титула Хералд Еригонски.