Зоран ДИМОВ, генерал мајор

Четврти Претседател на Здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ

Роден е во Скопје во 1958 година. Основното образование го завршил во 1972 година, а средното училиште во 1976 година во родното Скопје. Воената акдемија на копнена војска на Југословенската народна армија (ЈНА), род артилерија ја завршил во 1980 година во Белград (Србија). Во 1991 година го положил мајорскиот испит во Центарот за високи воени школи во Белград (Србија). Военото образование го продолжил на Постдипломските студии за командно-штабни должности во Скопје, каде дипломирал во 1996 година. Највисокото воено образование го завршил во Школото за национална одбрана во Истанбул (Турција) во 2003 година.

Во чин артилериски потпоручник бил произведен во 1980 година. Во чин поручник бил унапреден во 1981 година, во чин капетан во 1984 година, во чин капетан 1. класа во 1989 година, а во чин мајор во 1995 година. Во 1998 година вонредно бил унапреден во чин потполковник, а во 2001 година вонредно бил унапреден во чин полковник. Со указ на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили во 2005 година бил унапреден во првиот генералски чин – бригаден генерал, а во 2007 година во генерал-мајор.

За време на својата богата војничка кариера извршувал служба во следните гарнизони: во Сараево-БиХ (1980-1984), во Добој-БиХ (1984-1992), во Скопје (1992-2004, 2006-2007 и 2010-2012), во Кичево (2004-2006) и во Куманово (2007-2010).

Во текот на кариерата ги извршувал следните должности: командир на вод, командир на артилериска батерија, командант на артилериски дивизион, командант на 12. пешадиска бригада, началник на С-3 во гранична бригада, командант на 2. пешадиска бригада, директор на генералштабот на АРМ, Комадант на Здружената оперативна командаи советник на началникот на генералштабот на АРМ.

Добитник е на бројни признанија и одликувања за време на војничката кариера: медал 40 години ЈНА, медал за воени заслуги, орден за воени заслуги со сребрени мечеви и медал 50 години ЈНА.

Мирослав СТОЈАНОВСКИ, генерал-потполковник

Трет Претседател на Здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ

Роден е во Скопје во 1959 година. Основното образование го завршил во 1974 година, а на Воена гимназија во Белград (Србија) дилпомирал во 1978 година. Воената академија на копнена војска, смер пешадија ја завршил во 1982 година во Белград (Србија) и Сараево (БиХ). Военото образование го продолжил на Постдипломските студии за командно-штабни должности во Скопје каде дипломирал во 1996 година. Највисокот воено образование го комплетирал на Обранбениот колеџ на НАТО во Рим (Италија) во 1998 година.

Во1982 година бил произведен во чин потпоручник. Во чин поручник бил унапреден во 1983 година, во чин капетан во 1986 година, а во чин капетан 1. класа во 1990 година. Во 1991 година бил вонредно унапреден во чин мајор, а во чин потполковник бил вонредно унапреден во 1998 година. Во 2001 година со указ на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили бил унапреден во првиот генералски чин – бригаден генерал, во чин генерал-мајор во 2003 година, а во чин генерал-потполковник во 2006 година.

Во својата војничка кариера извршувал служба во повеќе гарнизони: во Белград-Србија (1982-1992) во Скопје (1992-2001 и 2003-2015), во Штип и Куманово (2001-2003).

Во текот на војничката служба ги извршувал следните должности: командир на вод, командир на чета на воена полиција, командир на противтерористичка чета, заменик командант на баталјон вена полиција, командантна 6-ти одред-единица за специјални намени, командант на 1.пешадиска бригада, командант на единицата за борба против тероризам, заменик началник на генералштабот и началник на генералштабот на АРМ. По пензионирањето ја извршувал должноста државен советник на министерот за одбрана за стратегиски и одбранбени прашања.

За време на армиската служба добивал бројни признанија и одликувања: медал за воени заслуги, медал „Легија на честа“ од државниот секретар за одбрана на САД, медал за почесен член на националната гарда на Вермонт на САД, сребрена значка на АРМ за долгогодишна служба, плакета на АРМ и голема плакета на сојузот на борци на Република Македонија.

Драган АНДРЕСКИ, генерал-потполковник

Втор Претседател на Здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ

Роден е во 1950 година во село Обршани, Прилепско. Основното образование го завршил во родното Обршани во 1965 година, а продолжил во Гимназија во Битола каде завршил во 1969 година. Дипломирал на Воената кадемија на копнена војска, смер артилерија во Белград (Србија) и Задар (Хрватска) во 1973 година. Испит за чин мајор положил во 1982 година во Белград (Србија) и со успех ја завршил Командно-штабната академија во Белград (Србија). Военото образование го комплетирал со завршување на Високата воена академија во Истанбул (Турција) во 1995 година.

Во чин потпоручник би произведен во 1973 година, во чин поручник бил предвремено унапреден во 1974 година. Во 1976 година бил унапреден во чин капетан, а во 1979 година предвремено бил унапреден во чин капетан 1. класа. Во чин мајор бил унапреден во 1983 година, во чин потполковник во 1987 година, а во чин полковник во 1993 година. Со указ на Претседателот на Република Македонија бил унапреден во првиот генералски чин-бригаден генерал во 2000 година, во чин генерал-мајор во 2003 година, а во чин генерал-потполковник во 2006 година.

Во својата војничка кариера извршувал должности во повеќе гранизони и тоа: во Струмица (1973-1975), во Скопје (1975-1988, 1995-2004 и 2008-2009), во Приштина-Србија (1998-1990), во Врање-Србија (1990-1992) и во Куманово (1992-1995).

Во текот на кариерата ги извршувал следните должности: командир на вод, командир на артилериска батерија, заменик и командант на артилериски дивизион, началник на штаб и заменик командант на артилериска бригада, командант на пешадиска бригада, командант на гардиска бригада, одбранбено аташе на Република Македонија во Република Турција, командант на гранична бригада, началник на Г-3 во генералштабот на АРМ и одбранбено аташе на Република Македонија во Република Хрватска, Република Словенија и Република Италија. По пензионирањето, во периодот 2014-2015 година, извршувал должност советник на министерот за одбрана за воена дипломатија.

Добитник е на бројни признанија и одликувања: орден за воени заслуги со сребрени мечеви, орден на народната армија со сребрена ѕвезда, орден за воени заслуги со златни мечеви, орден на трудот со сребрен венец, орден на народната армија со златна ѕвезда, орден на „Редот на хрватскиот тролист“ од Претседателот на Република Хрватска, медал за придонес во одбраната од министерот за одбрана на Република Словенија и златна значка на АРМ за партнерство, координација и соработка.

Митре АРСОВСКИ, генерал-потполковник

Прв Претседател на Здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ

Роден е на 01. ноември 1936 година во село Стари Град во општина Велес. Основното образование го завршил во родното место, а продолжил да се образува во Гимназија која ја завршил во 1956 година. Воена академија на Југословенската народна армија (ЈНА) ја завршил во 1960 година. Военото образование го надградувал со завршување на Командно-штабната академија во 1972 година и Школата за национална одбрана во 1978 година во Белград (Србија).

Во чин артилериски потпоручник бил произведен во 1960 година. Во чин поручник бил унапреден во 1963 година, во чин капетан во 1966 година, во чин капетан 1. класа 1969 година, во чин мајор во 1973 година, во чин потполковник во 1977 година, а во чин полковник во 1981 година. Во 1988 година бил унапреден во првиот генералски чин, генерал-мајор, а во 1992 година од страна на Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили бил напреден во чин генерал-потполковник.

Во својата богата војничка кариера извршувал служба во повеќе гарнизони: во Белград-Србија (1960-1972), во Битола (1972-1974), во Прилеп (1974-1978), во Скопје (1978-1982, 1985-1986 и 1990-1993), во Врање-Србија (1980), во Куманово (1982-1985 и 1986-1987) и во Крагујевац-Србија (1987-1990). Во текот на кариерата ги извршувал следните должности: командир на вод, командир на артилериска батерија, командант на артилериски дивизион, командант на полк, командант на бригада, началник на штаб на дивизија, командант на дивизија, началник на штаб на корпус, началник на штаб и заменик командант на 3. Армиска област.

Во 1992 година со указ на Претседателот на Република Македонија бил поставен за прв началник на генералштабот на Армијата на Република македонија (АРМ).

Во текот на службата добивал бројни признанија и одлукувања меѓу кои: орден за воени заслуги со сребрени мечеви, орден на народната армија со сребрена ѕвезда, орден за воени заслуги со златни мечеви, орден на народната армија со златна ѕвезда, орден за народ со златна ѕвезда и орден за воени заслуги со голема ѕвезда.

Во независна Република Македонија го добил орденот за воени заслуги од Претседателот на Република Македонија.