Претседател на Здружението КЛУБ НА ГЕНЕРАЛИ
Роден е во Гостивар во 1967 година, а детството го поминал во Сисак (Хрватска) каде го завршил основното образование во 1982 година.
Воена гимназија завршил во Загреб (Хрватска) во 1986 година, а военото образование го продолжил на Воената академија на копнената војска во Белград (Србија) и Задар (Хрватска). Дипломирал во 1990 година како потпоручник на родот артилерија. Воената кариера ја започнал во поранешната Југословенска Народна Армија (ЈНА) во Словенија, а во Армијата на Република Македонија (АРМ) е од првиот ден на нејзиното формирање во април 1992 година.
Во текот на својата богата војничка кариера, генералот Арсоски извршувал бројни командни и штабни должности. Негова прва должност во АРМ е командир на вод во артилерискиот дивизион на 1. гардиската бригада во Скопје, а потоа следователно, командир на чета, заменик командант на баталјон и командант на 1.пешадиски баталјон на 15.пешадиска бригада во Тетово. За време на воениот конфликт во 2001 година, Арсоски командувал со пешадиски баталјон и подоцна со баталјонска борбена група во Тетовско и на Шар Планина, за што истата година вонредно е унапреден во чин мајор. Во 2003 година станал дел од најелитната борбена единица на АРМ, Полкот за специјални операции. Најпрво ја извршувал должноста началник за операции, планирање и обука, а во 2010 година е поставен за началник на штаб и унапреден во чин полковник. Командант на полкот за специјални операции станал во 2012 година. Со Указ на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, во август 2013 година е унапреден во чин бригаден генерал и поставен за командант на 1. механизирана пешадиска бригада. Во 2015 година е поставен за заменик на командантот на Здружената оперативна команда, а три години подоцна, во 2018 година, станал командант на Здружена оперативна команда. Истата година е унапреден во чин генерал-мајор. Со трансформација на Армијата во 2019 година е поставен за командант на Командата за операции и должноста ја извршувал до 2021 година кога е поставен за советник на началникот на Генералштабот на Армијата за борбена готовност и операции.
За време на воената кариера, Арсоски го надоградувал своето военото образование. По дипломирањето на Постдипломски студии за командни и штабни должности во Скопје во 2003 година, во 2011 година го завршил највисоко воено образование и дипломирал на Ратната школа „Бан Јосип Јелачиќ“ во Загреб, (Хрватска). Генерал-мајор Арсоски завршил повеќе курсеви и обуки во земјата и странство, меѓу кои и престижните: Курс за команданти на баталјони во Германија, Курс за млади лидери на 21. век во Џорџ Маршал Центарот во Германија, Курс за воен менаџмент и донесување на одлуки, Обука за воени аташеи и експерти за меѓународна комуникација и Курс за генерали, адмирали и амбасадори во Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим, (Италија).
Вонредно е унапреден во чин мајор во 2001 година, добитник е на бронзена, сребрена и златна значка на АРМ, Плакета на АРМ, сребрена значка на АРМ за долгогодишна служба, бронзена, сребрена и златна значка на АРМ за партнерство, координација и соработка.
Напоредно со военото образование, генерал-мајор Арсоски го надградувал и своето цивилното образование. Во 2016 година ги завршил магистерски студии на Институтот за национална историја при УКИМ и се стекнал со титула магистер по воена историја. Во 2021 година се стекнал со титулата Доктор на науки на истиот Институт.
Во слободно време генерал Арсоски активно се занимава со спорт, голем љубител е на ликовната и драмска уметност, како и на операта и балетот. Ја проучува воената историја, класичната литература, хералдиката и хорологијата. Зборува активно англиски и германски јазик. Секретар е на Македонското грбословно друштво со титула Хералд Еригонски.